Да беше 1 април, ќе ми беше јасно за што станува збор, ама вака?
Понекогаш Скопје знае да изненади така добро, што се чувствуваш дека
сеуште сонуваш. Да, јавната тајна е дека тета Пети со години беше желба
на SJF. И конечно успеаа!
Култната панк-рок икона и најзначајната жена во рок-музиката Пети Смит
на 10 јули ќе одржи концерт во Скопје, во рамките на нејзината летна
европска турнеја.
Познатата рок-поетеса со својот бенд
ќе настапи на осмото издание на ОФФ-Фест, како вонреден, дополнителен
настан на оваа музичка манифестација којашто секоја година по традиција
се одржува кон крајот на мај и почетокот на јуни.
Патриша Ли „Пети“ Смит е легендарна њујоршка рок-музичарка, поетеса,
пејачка, уметница и активистка. Нејзиниот удел во зачнувањето на
панк-рок движењето е огромен. Особено значајно и влијателно во оваа
смисла е нејзиното деби издание „Хорсис“ (Horses) од 1975 година, албум
што и го донесе прекарот „мајка на панкот“.
Инспиративна,
амбициозна и неконвенционална, музиката на Смит, заедно со онаа на Боб
Дилан, се оценува како највозбудливиот спој на рокенрол и поезија во
историјата на современата музика. Речиси не постои сериозен рок автор
последниве неколку децении што не се повикува на силното влијание на
нејзиното творештво: Лу Рид, Мајкл Стајп, Брус Спрингстин, Боно, Курт
Кобејн, Соник Јут, Пиџеј Харви, Морисеј, Кевин Шилдс и Кортни Лав се
само некои од имињата коишто јавно ја посочија Пети Смит како своја
голема уметничка инспирација.
Информациите во врска со местото на одржување на концертот на Пети
Смит, продажбата на билетите, како и целосната програма на OFF-Fest
2009 ќе бидат дополнително објавени.
Извор: plagij.at