Денес ни гостуваше Нелко Неделковски, човек од театарот кој на почетокот од студиите поминал една година на нашата катедра (за која има само пофални зборови и убави сеќавања).
Затоа, одлучил да не вклучи нас, сегашните студенти на компаративна, во неговиот нов (многу амбициозен) проект кој е замислен како создавање на здрава и издржана театарска критика која нема да биде условена од разни форми на поткупи, пријателски попуштања, па, на крај, и малодушност.
Ни претстави идеја за формирање на редакција, сочинета исклучиво од студенти на компаративна книжевност, чија улога би било составувањето на месечното списание „Театар“ (кое, понатаму, ќе вклучува осврти на претстави, најави за наредни премиери и претстави, интервјуа). Покрај театар, списанието ќе ги третира и другите перфомативни жанрови, како балетот и операта, но и граничните и експериментални видови - се што е поврзано со сцената.
Филмот нема да влегува во интересот на оваа редакција.
Бидејќи од заинтересираните побара сериозна посветеност и дискреција: принцип на целосна отвореност внатре (меѓу членовите на редакцијата, кои ќе бидат рамноправни во секој поглед) и целосна затвореност кон надвор, информирањето го прекинувам овде.
Доколку некој е сигурен дека сака да биде дел од оваа редакција, може да ми ја испрати својата мејл адреса вечерва, за да ја ставам во списокот на членови на редакцијата кој подоцна вечерва ќе му го испратам на Нелко. Во спротивно, може да дојдете на состанокот наредниот понеделник (21. 12) од 15:00, па да се запознаете со него и со неговите намери со оваа редакција.