Еве, Ана (Ј), малку да те поштедам од пишување.
Значи, Ана (Н), според насловот, претпоставувам дека кај тебе е оригиналниот текст на Сосир; и ако ја немаш книгата на Калер која го носи насловот Сосир, тогаш тоа што го имаш, навистина внимателно ќе треба да го прочиташ; во случај, пак, да ја имаш (а колку што се сеќавам, мислам дека ја имаш) воопшто не се мачи со Курсот по општа лингвистика - само прочитај од 18-62 страница од книгата на Калер и се што е потребно да знаеш за Сосир (за овој колоквиум, нормално) ќе ти биде доста убаво објаснето. А тоа на што треба да се сконцентрираш се четири (од петте) основни Сосирови дихотомии: ознака/означено; синтагма/парадигма; јазик/говор и синхронија/дијахронија (со цел должински да не го обременуваме непотребно овој пост, веќе во следниот, доколку иа потреба, ќе дадам краток осврт на истите).
Е сега, во врска со Катичиќ. Тоа што професорката рече дека треба да го научиме е лоцирано во второто делче - и мислам дека ќе ти биде доволно да го прочиташ само тоа. Мислам дека ова е полесно и дека ќе го сфатиш (макар што, мало предупредување - прво прочитај го Сосир), но во секој случај, еве едно кратко појаснување.
Постава, значи, е речиси синоним на јазичен избор. Тоа би значело дека секоја буква, слог, збор и секоја реченица што ја употребуваме во секојдневниот говор е веќе предвидена од јазикот - зашто токму тој е збирот на сите зборови и граматичките правила што зборовите ги поврзуваат во смисловни целини. Секоја постава е составена од израз (речиси исто како Сосировата ознака)и содржина (аналогон на означено). Да речеме, зборот татко има израз што е збир од буквите Т, А, Т, К и О, но неговата содржина е всушност - машки родител. Доказ дека е различен изразот од содржината е ова - ако јас речам татко ми и ти речеш татко ми и двајцата ќе употребиме ист јазичен израз (Т-А-Т-К-О М-И) но јас ќе мислам на мојот татко, а ти на твојот татко.
Е сега, многу јасно е дека секоја постава има израз. Но не секоја постава има содржина (буквите и слоговите не изразуваат ништо). Оние што имаат содржина (значи зборовите и речениците) се нарекуваат јазични знаци.