Во прва година, ние, студентите кои сега ја тераме третата година од нашиве студии, имавме некои идеи за заеднички блог на кој би објавувале наше творештво но и есеи - налик на тие што ги пишуваме за факултет. Неможноста да се усогласиме околу името (во нашата генерација, инаку, има две главни струи од кои едната верува дека книжевноста е света, а другата дека е само одраз на животот, па така предлозите за име беа дијаметрално различни) и околу општиот концепт на тоа што би објавувале, па и дилемата дали со објавувањето на интернет наместо прво на хартија се врши неправда кон напишаното - доведоа до тоа идејата да замре а првичниот ентузијазам да биде колективно изигнориран и препуштен на заборав.
Денес од Јана дознав една вест која особено ме израдува: колегите од втора година си отвориле блог. Може да го читаме на следниов линк -> Проколнатите поети од Алчера.
Како што објавуваат на блогот, ова ќе биде нивниот сопствен простор во кој нема да важат ничии правила и од каде што ќе ја почнат нивната борба за враќање на чистата уметност. Мислам дека овој исечок од еден од нивните раскази сликовито го доловува духот на оваа дружина:
МАНУ (Македонска Академија на Настрани Уметности) постојано врши
репресија врз развојот на нашиот интелект преку страв и време е да
покажеме што имаат да кажат недоквакани и индивидуални ѕверови, демони,
ангели и божества како нас.
Колеги, со среќа! Ќе ве читаме.